ДРАГАН ВЕЛИКИЌ, ДОБИТНИК
НА НАГРАДАТА „ПРОЗАРТ“ 2026
Наградата „Прозарт“, која по четиринаесетти пат ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ на истакнат автор за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот, во 2026 година му припадна на Драган Великиќ, еден од најзначајните, најпреведуваните и најпрепознатливите современи српски писатели.
Драган Великиќ создаде импресивен опус од прозни дела — дванаесет романи, три збирки раскази и повеќе книги есеи, интервјуа и дела од други жанрови. Роден е во 1953 година, а неговиот прв објавен роман, „Виа Пула“, веќе го издвои како едно од најперспективните и најособените имиња во тогашниот нов постмодерен српски прозен бран. Неговите следни романи, „Астраган“ и „Дантеовиот плоштад“, го лансираа како едно од водечките имиња на тогашната југословенска книжевна сцена.
Неговите подоцнежни романи само ја зголемуваа и ја зацврстуваа неговата неоспорна улога во развојот на српската проза, што беше потврдено и со двојното добивање на најзначајната српска награда за проза, „НИН“, за романите „Руски прозорец“ (2007) и „Иследник“ (2015) — вториов како едно од најпродаваните прозни дела во Србија воопшто. Добитник е и на низа значајни регионални и европски награди, како „Виленица“, Наградата за литература на Градот Будимпешта и повеќе други значајни признанија.
Во разновидното книжевно писмо на Великиќ постојани се неговата стилска префинетост, негувана уште од студентските денови како компаративец на Белградскиот универзитет, неговата приврзаност кон интимните состојби на јунаците (во кои има и автобиографски елементи), како и неговата изострена заинтересираност за актуелните промени во политичкиот, социјалниот и културниот живот во регионот.
Бројните критики за неговите дела ја истакнуваат неговата специфична индивидуална позиција во контекстот на современата српска литература. Со својот заокружен и исцизелиран прозен израз, Драган Великиќ сосема природно се приклучува кон низата големи балкански автори, добитници на наградата „Прозарт“.
Комисија за наградата „Прозарт“:
• Проф. д-р Ермис Лафазановски, претседател
• Проф. д-р Александар Прокопиев, член
• Дејан Трајкоски, член
