Георги Господинов

Георги Господинов (1968) е бугарски поет, писател и драматург. Неговиот дебитантски роман „Природен Роман“ (1999), е објавен на 23 јазици, вклучувајќи ги и англиски, германски, француски и шпански, а неодамна и на исландски. Њујоркер го опиша како „анархистичко, екпериментално деби“, според Гардијан тоа е „во исто време приземјен и интелектуален роман“, а Ле Куриер (Женева) го нарекува „машина за приказни“.
Неговиот втор роман „Физика на тагата“ (2012), доби неколку национални награди за најдобра фикција, меѓу кои и Национална награда за најдобар роман на годината 2013. Беше и финалист за 4 интернационални награди во Италија (Premio Strega Europeo, Premio Gregor von Rezzori) и Германија (Brueke Berlin Preis и Haus der Kulturen der Welt Preis). За романот имаат пишувано рецензии во Европа и Америка во Њујоркер, Ле Монд и други. Според Њујоркер „вистинската потрага на Георги во Физика на тагата е да најде начин да живее со тагата, да и дозволи да биде извор на емпатија и двоумење...“ Според весникот НЗЗ „ Георги Господинов... се издигнува над низините на новелскиот комерцијализам и конвенционалност, спасувајќи се не само себе си, туку и литаратурата – а со неа, и целиот свет“.
Американското издание на романот е во потесен избор за ПЕН Наградата за Превод 2016 и за Награда за Најдобра Преведена Книга (BTBA). Физика на тагата е објавена на 8 јазици вклучувајќи ги и германски, англиски, француски, македонски, италијански, а и се преведува и на арапски. Господинов има напишано две драми, „Д.Џ.“ (2004) и „Апокалипсата доаѓа во 6 попладне“ (2010), и двете со национални награди за најдобар драмски текст на годината. Исто така, има напишано либрето за операта „Вселенска опера“ (2015, Познан) и графичка новела. Неговите најнови книги се „ Невидливите кризи“ ( раскази) и “И се стана месечина“ ( кратки приказни). Последнава штотуку беше објавена во Германија со наслов „ 8 Минути и 19 Секунди “ од Дросчл Верлаг.
Тој бил гостин писател во Берлин (Künstlerprogramm des DAAD 2008, Wissenschaftskolleg zu Berlin 2012) и како гостин-професор за Креативно пишување на еден од најстарите универзитети во Берлин, Хумболд Универзитет (2015). Учествувал на повеќе резиденции и фелошип програми, вклучувајќи ги и Берлин (LCB), Виена (Museumsquartier), Зуг, Швајцарија (Landis&Gyr Fondation)…

Андреј Блатник

Андреј Блатник (1963) има докторат по Комуникациски науки. Веќе 25 години работи како уредник, а исто така и како професор по Креативно пишување на Универзитетот во Љубљана. Има објавено дванаесет книги на словенечки, и преку триесет преводи на дванаесет други јазици, вклучувајќи три на англиски и германски и четири на македонски, последните две „Измени ме“ (Матица Македонска, Скопје 2015) и „Пишување на кратки раскази“ (Икона, Скопје 2015). Неговите кратки раскази се вклучени во бројни антологии во светот, вклучувајќи ги и Најдобра европска фикција 2010 (Dalkey Archive Press 2010) и во „Кратко: Интернационална антологија на пет векови кратки кратки приказни“ (Persa Book 1024). Андреј Блатник има читано свои дела на многу литературни фестивали, како што се PEN World Voices во Њујорк, Toronto International Festival of Authors, Jaipur Literature Festival и Cosmopolis во Барселона. Има добиено неколку словенечки и интернационални награди за литература.

Асли Перкер

Бестселерот на Асли Перкер, нејзиниот трет роман „Рецепт за осамени срца“ е преведен на 23 јазици, а на англиски јазик е објавен од „Телеграм букс“. Дејли мејл за него пишува:
„Смешен роман кој допира, интелигентно дело кое го проучува вистинското значење на едно семејство, кое ја истражува вистинската моќ на храната. Вкусно во секоја смисла“.
Перкер е родена во Измир, Турција и дипломирала на Американски студии на Докуз Ејлул Универзитетот. По краток ангажман како копирајтер, Перкер започнува да работи во новинарство.
Перкер се преселува во Њујорк во 2001 година, каде пишувала неделна колумна насловена „Од Њујорк“ за дневен национален весник и за месечно женско списание. Нејзиниот прв роман „Мирисот на другите“ е издаден во 2005 г., а вториот „Гробот на Џелатот“ следи во 2009 г. и е преведен на девет јазици. Најновиот роман на Перкер „Помогни ми“ е објавен во септември 2015 г. Таа продолжува да пишува ударни теми за Милијет бук ревју како и статии за списанието Милијет арт магазин. Живее во Истанбул.

Луан Старова

Луан Старова во книжевноста се пројавува во својата дваесетта година. Пишува на македонски, албански и француски јазик. Откако во 1974 г. магистрирал и докторирал на Сеучилиштето во Загреб, специјализирал на Сорбона од областа на модерната француска книжевност, својата кариера ја продолжил до пензионирањето како професор на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески’’ во Скопје. Луан Старова вниманието на домашната и меѓународната книжевна јавност го предизвикува во 1992 г. со романот Татковите книги, (награден како најдобар роман од Друштвото на писателите на Македонија), кој ја најави неговата ,,Балканска сага’’, досега објавена во 13 книги, на повеќе од 3 000 страници. Романот Времето на козите е објавен на уште дваесеттина јазици. Овој роман беше номиниран за меѓународните награди: Најдобар објавен роман во Франција во 1997, наградата ,,Жан Моне’’, наградата ,,Ангелус“ и неколку други. За Балканската сага пишувале угледни европски книжевни критичари, а во француската книжевна критика Балканската сага се вбројува во редот на големите европски романи. Авторот е добитник на повеќе домашни и странски книжевни признанија.

Марко Видојковиќ

Марко Видојковиќ е роден 1975 г. во Белград. По образование е правник. Ги има објавено романите „Танцот на ситните демони“, „Ѓаволот ми е другар“, „Пикавци на плажа“, „Канџи“, „Сите црвенкапи се исти“, „Сакам нешто убаво да ми се случи веднаш“, „Канџи 2: Дилер и смрт“ и „Уредник“, како и збирките на раскази „Да ти помогне господ“ и „Раскази со дијагноза“. За романот „Сите црвенкапи се исти“ ја доби Виталовата награда за најдобра книга објавена во 2006. За романот „Канџи“ ја доби наградата „Златен бестселер“ и „Кочиќево перо“. Книгите „Канџи“ и „Сите црвенкапи се исти“ продадени се во
повеќе од 20.000 примероци. Има објавувано раскази во многу списанија, меѓу кои и „Навистина“, „Виножито“ и „Книжевен Магазин“, како и во збирките „Подгорички ноќи“ и „Проект Буковски“. Преведуван е на германски, англиски, словенечки, македонски, бугарски, унгарски и полски, а објавуван е и во Хрватска. Заедно со Миленко Јерговиќ беше протагонист на документарниот филм „Дуго путовање кроз историју, хисторију и повјест“. Неговиот прв роман „Танцот на ситните демони“ е адаптиран во театарска претстава и успешно е изведувана во театарот во Дадов, а авторот на својот Фејсбук профил го има објавено како бесплатна пдф верзија на српски и англиски јазик. Видојковиќ бил главен уредник на списанието Максим, а како извршен уредник на Плејбој, во периодот од 2005 до 2012 има уредено преку 60 броеви. Автор е на сатиричната телевизиска серија „390 степени“. Член е на Српското книжевно друштво од 2002.

Звонко Кaрановиќ

Звонко Кaрановиќ (1959) е поет и прозаист роден во Ниш, Србија. Почнал да пишува под влијание на книжевноста, филмот и поп културата. До сега има објавено девет збирки песни и три романи. Ја напишал првата трилогија во српската литература во 21 век – „Дневник на дезертерот“ која се состои од романите: „Повеќе од нула“ (2004), „Четири ѕидови и градот“ (2006) и „Три слики на победата“ (2009). Сместена во периодот од април 1998 до 5 октомври 2000, трилогија ги следи животите на три урбани млади момчиња кои, борејќи се за својот поглед на светот, се обидуваат да бидат слободни во неслободна земја. Таа е посвета на „изгубената генерација“ која во деведесетите
или се исели од Србија, или страдаше во најновите балкански војни, или стана општествено маргинализирана, благодарение на својот космополитизам. Сите три романи имаа забележителен успех во српската книжевна јавност. „Повеќе од нула“ доживеа три изданија, додека романите „Четири ѕидови и градот“ и „Три слики на победата“ беа во најтесна конкуренција за НИН-овата награда, најпрестижно национално признание за роман на годината.
Поезијата му е преведена на десеттина европски јазици, застапен е во многубројни антологии. Добитник е на неколку домашни награди за поезија, како и меѓународна стипендија за писатели 2011, која ја доделува Фондацијата Хајнрих Бел (Келн, Германија).