Наградата “Прозарт” што Интернационалниот литературен фестивал “ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор
за авторски допринос кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2016 година со едногласна одлука на Одборот за доделување на наградата, му припадна на исклучителниот прозен автор од Бугарија,
Георги Господинов.

Георги Господинов е најпреведуван современ бугарски прозаист со бројни афирмативни критики од познати европски и американски проследувачи на литературата,
за своите три прозни дела: „Природен роман“, „И други приказни“ и „Физика на тагата“.
Уште од своите студентски денови со својот особен раскажувачки глас, автентичен стил на раскажување и необично откачена духовитост, се наметна како исклучително име на новата бугарска литература.
Освен бројните книжевни признанија, тој многу брзо добива и голем број приврзани читатели во Европа и САД,
а меѓу нив и голем број почитувачи во Македонија.
Овој писател со изразит авторски белег пишува и поезија, драмски дела и сценарија за краткометражни филмови, а овојпат на ПРО-ЗА Балкан ќе биде претставен како несомнено автентичен прозаист.
Чест ни е годинашнава наградата „Прозарт“ да ја доделиме на романсиерот и раскажувач Георги Господинов за неговиот несомнен придонес во развојот на современата проза на Балканот.

Одбор за доделување на наградата “Прозарт”:

Претседател
Ермис Лафазановски

Членови
Александар Прокопиев
Дејан Трајкоски