ДАША ДРНДИЌ

Даша Дрндиќ е родена во Загреб. Од 1999 година работи како професор на Филозофскиот факултет во Риека, и предава модерна британска литература, американска и британска модерна драма, литература и филм, и креативно пишување. Предавала и на Универзитетот во Торонто, Канада. Активна е и како преведувач (превела есеи и студии од Борхес, Пинтер, Орвел, Гомбрович, Сангвинети, Бродски...), пишува радио-драми, литературна критика, есеи... Учествувала на бројни книжевни резиденции низ Европа. Објавила десетина книги од областа на прозата и литературната критика.

За документарниот роман “Sonnenschein” ги доби
наградите Фран Галовиќ и Киклоп, двете за најдобра прозна книга во 2007 година, а беше номинирана и за книжевната награда на Јутарњи лист. Со истата книга беше во најтесен избор за престижната британска “Independent Foreign Fiction Prize”, заедно со великани како Исмаил Кадаре, а ја доби “Independent Foreign Fiction Readers Prize”. Романот “Sonnenschein”, на англиски јазик објавен под насловот “Trieste“ веќе е преведен на десетина јазици. Во Франција, пак, доживеа издание кај престижниот Галимар, еден од најугледните светски издавачи, и тоа како еден од ретките романи од Балканските простори. По преводот во САД се објавија афирмативни рецензии во Њујорк Тајмс, Стар Трибјун...

Книгата “Лајка формат” во 2004 година беше номинирана за наградите “Вјесник”, “Јутарњи лист”, “Владимир Назор” и “Киклоп” а преведена е на шест јазици. Во Македонија оваа книга ја објави издавачот Готен, а во превод на Милан Банов.

“Април во Берлин”, пак, во 2010 повторно беше номинирана за сите реномирани хрватски награди, а веќе се појавија преводите во Братислава и Будимпешта.

Докторската дисертација на Даша Дрндиќ е на тема “Феминистички ракопис или политичка парабола: идеите за феминизмот и левицата во драмите на Лилиан Хелман”


НЕНАД ВЕЛИЧКОВИЌ

Ненад Величковиќ ги објавил романите “Коначари“ (1995), “Таткото на мојата ќерка“ (2000), “Сахиб“ (2002), “Вива сексико“ (2006), “100 змејови“ (2007), “Временска јамка“ (2011), збирките раскази “Ѓавол во Сараево“ (1996), Сараевски гастронаути (1999), “Витез на шведска маса“, есејот “Дијагноза: патриотизам“. Неколку романи доживеаја повеќе изданија на италијански, германски, унгарски, македонски, бугарски, англиски, полски, словачки и словенечки јазик, а раскази му се објавени и на руски, украински, шпански, француски и турски. Градовите кои ги посетил на книжевни настани се: Амстердам, Бањалука, Бар, Базел, Белград, Берлин, Бјалско Бјала, Будимпешта, Будва, Виена, Целје, Цирих, Чајетина, Даблин, Дингл, Гевгелија, Франкфурт, Гдиња, Градишка, Грац, Хајделберг, Хале, Истанбул, Какањ, Келн, Кикинда, Коњиќ, Крагујевац, Крк, Лајпциг, Ливно, Лондон, Лублин, Љубљана, Манхајм, Минхен, Мотовун, Ниш, Нови Бечеј, Нови Пазар, Нови Сад, Осијек, Париз, Подгорица, Пожаревац, Пула, Ријека, Ротердам, Сараево, Сен Назер, Скопје, Сплит, Шид, Шипан, Софија, СвиШтов, Тун, Трст, Тузла, Удине, Умаг, Ужице, Ваљево, Вареш, Варшава, Владичин Хан, Врање, Вроцлав, Загреб, Златибор, Зрењанин. Како косопственик на Книжевната работилница Омнибус уредил преку 20 книги на домашни и странски автори. Основач, уредник и соработник на повеќе весници и магазини (Визија, Омнибус, Алчак, ФАН, Книжевен журнал, Школегиум, Текстура). Уредник е на порталот Школегиум. Соработник на радиото Дојче Веле. Работи како доцент на Филозофскиот факултет во Сараево. Романот “Сахиб“ е објавен на македонски јазик од издавачката куќа Икона во превод на Дарко Чекеровски.


ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ

Драги Михајловски (1951), писател, преведувач и професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Од 1981 година досега објавил седум збирки раскази (“Речно улиште“, 1981; “Ѓон“, 1990; “Скок со стап“, 1994; “Триполската капија“, 1999, “Раскази од шести кат“, 2003, “Пеперуткарот“, 2010 и
“Во земјата на Човекојадците“, 2014), четири романи (“Пророкот од Дискантрија“, 2001; “Смртта на Дијакот“, 2002, “Мојот Скендербеј“, 2006 и “Бајазит и Оливера“, 2009), две книги за деца (“Волшебното котле и други бајки“, 1995
и “Сиромавиот и чучурлигата“, 2000) како и две студии
од областа на преведувањето (“Нераспнати богови“, 1991 и “Под Вавилон:задачата на преведувачот“, 2002). Од англиски на македонски превел ``` повеќе од 110.000 стихови меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, “Загубениот рај“ од Милтон, “Беовулф“ од непознат автор како и проза од Тони Морисон, Кензабуро Ое, И.Би. Вајт, Стојан Христов и други. За својата работа ги добил највисоките признанија во РМ меѓу кои Рациново признание (1994) Григор Прличев (двапати, 1996 и 2013), Стале Попов (двапати, 2002 и 2006), Кирил Пејчинович (2009). За препевот на Шекспир ги добил и признанијата на Нова Македонија, МРТВ и Битолски весник. Член е на друштвото на писателите на Македонија, на ПЕН на Македонија и на интернационалната асоцијација на писателите за мир, Вашингтон, САД.


МАРИО ЛЕВИ

Роден во 1957 година, Леви дипломирал на Факултетот за книжевност при Универзитетот во Истанбул во 1980 година. Покрај тоа што е писател, Леви работел како професор по француски јазик, увозник, новинар, радио водител и копирајтер. Во последно време држи предавања на Једитепе универзитетот. Автор е на повеќе книги преведени на многу јазици. Три од неговите книги се преведени и издадени од престижниот германски издавач Зуркамп, а на англиски преведен е од Далки Аркајв.

Автор е на книгите “Не можејќи да Оди во град“, “Мадам Флоридис можеби нема да се врати“, “Нашата најдобра љубовна приказна“, “Затворен саем за забава“, “Моите фотографии од Истанбул“, “Ти испеков колач“, “Истанбул беше сказна“ и “Каде беше кога падна мрак“. Преведуван е на италијански, арапски, албански, бугарски, грузуски, германски, романски, шпански, босански, кинески, хрватски, дански, француски, грчки, унгарски, македонски, полски и англиски јазик. На македонски јазик е преведен капиталниот роман “Истанбул беше сказна“ во издание на “Или-Или“ во превод на Ѓулнихал Исмаил.


СЛОБОДАН ШИЈАН

Слободан Шијан (1946, Белград) е филмски режисер, сценарист, писател, публицист, сликар и мултимедијален уметник. Автор е на неколку најпопуларни српски играни филмови и низа публикации и книги за филмот и
визуелната култура.
Автор е на поетската проза за познатиот филм на Алфред Хичкок “Вртоглавица“ во издание на Геопоетика. Објавил повеќе книги за филмот, меѓу кои и книгата за Џон Форд. Самиздат фанзинот “Филмски летак“ кој го издавал во текот на седумдесеттите, е објавен заедно со нови есеи за филмот во истоимената книгата “Филмски летак (1976-1979) и коментари“, а за книгата “Кино Том“ во Хрватска во 2013 ја доби престижната награда на Јутарњи лист за најдобра публицистичка книга.
Режисер е на некои од најпознатите филмови од Екс Југославија, како “Кој тоа таму пее“, “Маратонците го трчаат почесниот круг“, “Како бев систематски уништуван од идиот“, “Давител против давител“, “Тајната на манастирската ракија“, “Сироти мали хрчки“ и “С.О.С Спасете ги нашите души“, како и на повеќе телевизиски филмови и преку дваесет експериментални филмови и видеа. Во периодот од 1990-91 бил директор на Југословенската кинотека во Белград. Слободан Шијан е добитник на многу домашни и меѓународни признанија за своите филмски остварувања.
Музејот на современата уметност во Белград во 2009 организирала изложба на неговите ликовни и мултимедијални дела под наслов “Слободан Шијан: Околу филмот“, која од Друштвото на историчарите на уметноста во Србија е прогласена за изложба на годината. Шијан ја доби и наградата Традиција на авангардата за допринес кон авангардната уметност. Шијан предавал филмска режија на Факултетот за драмски уметности и на Академијата за уметност во Белград, како и на Универзитетот Лолоја Меримаунт во Лос Анџелес и на угледната филмска школа при Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес.


АЛЕШ ЧАР

Алеш Чар е роден 1971 година во Идрија. Студирал компаративна книжевност на Филозовскиот факултет
во Љубљана. Уредник, сценарист, колумнист, писател.
Бил иницијатор и прв главен и одговорен уредник на меѓународното списание за култура Балканис, како и водител и автор на културната разговорна рубрика Петтиот елемент на националната телевизија (2002, 2003). Од декември 2004 до април 2009 година бил уредник за култура во дневниот весник Дневник, а од мај 2009 до
јули 2010 година уредник на саботната рубрика “Од објективот” на Дневник. Во 2012 година бил раководител на програмскиот циклус Живот во допир во рамки на Европската престолнина за култура во Марибор 2012 година. Има објавено три романи и две книги раскази. Неговата проза е преведена на десет јазици. На македонски јазик е објавена неговата книга “Made in Slovenia“ во превод на Драгана Ефтимова, а во издание
на Магор.