Наградата “Прозарт” што меѓународниот фестивал
на прозата “ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат
автор од Балканот за авторски допринос кон развојот
на балканската книжевност, оваа 2014 година со
едногласна одлука на Одборот за доделување на
наградата, и припадна на исклучителната раскажувачка
од Хрватска, Даша Дрндиќ.
Името и делото на оваа авторка е многу добро познато
и вреднувано од страна на балканската и меѓународната
критика, како и од самата читателска публика.
Со нејзините прозни дела, особено со “Лајка формат”,
документарниот роман “Sonnenschein” и “Април во Берлин”
таа се наметна со својот препознатлив, богато иновантен
стил и слоевито авторско писмо, за што досега ги има
добиено ценетите национални награди како “Киклоп”,
“Фран Галовиќ”, се најде и во најтесен избор за
престижната британскa награда “Independent Foreign
Fiction Prize” а ја доби “Independent Foreign
Fiction Readers Prize”.
Книгите на Дрндиќ се преведени на многу јазици, а меѓу нејзините издавачи се вбројува и францускиот и, во светски рамки водечки, издавач Галимар, потем и Де Геус од Холандија, италијанскиот Бомпиани, па Калиграм, Царне, Куеркус, Фрактура..., додека рецензии за незјините книги се појавуваат во најугледни весници, како Њујорк тајмс, Стар Трибјун...
Даша Дрндиќ живее и создава во Риека, каде, меѓу другото, работи и како професор по англиска книжевност на Филозофскиот факултет. Даша Дрндиќ е и долгогодишна уредничка на реномираното регионално списание „Сараевски тетратки.“
Одбор за доделување на наградата “Прозарт”:
Владислав Бајац
Александар Прокопиев
Елизабета Шелева
Ермис Лафазановски
Дејан Трајкоски
