ВЛАДИСЛАВ БАЈАЦ

Владислав Бајац е роден во 1954 година во Србија. Студирал Општа и југословенска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград и работел како новинар и преведувач до 1993 година, кога ја основал издавачката куќа Геопоетика, а од 2008 до 2010 година бил и потпретседател на српскиот ПЕН-центар. Досега Бајац има напишано дванаесет книги, меѓу кои шест романи, четири збирки раскази и две збирки поезија. Добитник е на многу светски награди за своите дела. Двапати ја освојувал наградата на Итан – Меѓународен конкурс за хаику поезија во Токио, прво во 1991, а потоа и во 1993 година.
Меѓу неговите збирки со кратки раскази се Европа на грбот на бикот, издадена во 1998 година, и Подметка за сништа, издадена во 1992, за која ја освоил и наградата Стеван Пешиќ за најдобра проза на годината. Книга за бамбусот е неговиот прв роман, преведен и издаден на македонски од издавачкиот центар Три во 2008 година. Други негови романи се Црна кутија издадена во 1993 година, со кој ја добил наградата Борислав Пекиќ, Друидот од Синдидун издадена во 1998 година (на македонски издадена од Магор во 2002 година), роман кој освоил две награди – Бранко Ќопиќ, која ја доделува Српската академија на науките и уметностите и Шести април. Неговиот четврт роман, Бегство од биографија преведен и издаден на македонски од Три во 2011 година, бил добитник на Хит либрис, додека Европа експрес (на македонски издадена од Македонија презент во 2004 година) ја добил македонската наградата Златен прстен во 2003 година. Романот Амамот Балканија е преведен и издаден на македонски од издавачката куќа Магор во 2011 година. Со таа книга ја доби меѓународната награда Балканика за најдобра книга во 2008 година. Бајац е добитник на дваесетина релевантни награди и десетина номинации. Негова последна книга е Гастрономадски приказни.Неговите дела се преведени на дваесетина светски јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави.

АНДРЕЈ БЛАТНИК

Андреј Блатник е роден на 22 мај 1963 година во Љубљана, Словенија, каде што дипломирал на Општа и компаративна книжевност и Социологија на културата. Продолжил на постдипломски студии, здобивајќи се со титулите магистер по американска книжевност и доктор по комуникациски науки. Откако дипломирал, пет години работел како хонорарен писател. Денес, Блатник е уредник во издавачката куќа Цанкарјева, предава Креативно пишување на Љубљанскиот универзитет, а од 2007 година е и претседател на жирито на Меѓународниот книжевен фестивал за наградата Виленица, кој се одржува еднаш годишно на различни места во Словенија.
Како преведувач, неговото име стои на дваесет и две книги и на дванаесет како автор. Неговите книги се преведени на неколку светски јазици, а неговите кратки раскази се вклучени во голем број светски антологии, каква што е Најдобра европска белетристика 2010. На македонски се преведени Законот на желбата (Магор, Скопје, 2005), а неговата најнова збирка кратки раскази Разбираш, нели? (Saj razumeš) е издадена од Евро-Балкан Прес, Скопје во 2013 година. И двете книги се во превод на Лидија Димковска.
Блатник учествувал на многу уметнички читања низа целиот свет, на фестивалот PEN – World Voices во Њујорк и Kosmopolis во Барселона. Освоил неколку позначајни словенечки награди за книжевност, како љубљанската награда Златна птица и Прешернов склад.
Повеќе информации и целосен список на неговите книги и преводи, вклучувајќи и некои примероци од нив, можете да најдете на www.andrejblatnik.com

МИЉЕНКО ЈЕРГОВИЌ

Миљенко Јерговиќ е роден на 28 мај 1966 година, во Сараево, Босна и Херцеговина, а од 1993 година живее во Загреб. Работи како новинар во хрватскиот весник Јутарњи лист и како колумнист на веб страната Радио Сараjево и на белградскиот весник Политика.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои Мак Диздар и Иван Горан Ковачиќ, двете во 1988 година, за неговата збирка поезија Опсерваторијата Варшава, наградата Ксавер Шандор Ѓалски во 1994 за збирката раскази Сараевски Марлборо (Издадена на македонски од НИК Лист) , Аугуст Шеноа – која ја доделува Хрватска матица за уметнички и книжевни достигнувања, за неговата новела Бјуик Ривиера во 2002, Гринцане Кавур за неговата збирка кратки раскази Мама Леоне во 2003, Меша Селимовиќ – награда за роман на годината во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора во 2007 година и Ангелус – полска книжевна награда за писатели и поети од Централна Европа, за неговиот роман Срда им пее, на самрак, на духовите. Неговите дела се преведени на многу светски јазици. На македонски се преведени и Мама Леоне, во 2011 година и Татко во 2012 година во издание на Икона.

АЛЕК ПОПОВ

Алек Попов е роден во 1966 година во Софија, Бугарија. Завршил на Бугарската национална гимназија за древни јазици и култури „Константин Кирил Филозоф“ и дипломирал Бугарска филологија на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, каде подоцна се стекнал и со титулата магистер. На 24 октомври 2012 година, Попов бил избран за член-кореспондент на Бугарската академија на науки.
Има напишано седум книги со кратки раскази, преведени на неколку јазици, меѓу кои Валкани соништа и Патот кон Сиракуза, како и три романи. Мисија Лондон, е роман базиран на живописните впечатоци за време на неговиот престој, како културен аташе, во бугарската амбасада во Обединетото Кралство. Романот досега е преведен на петнаесет јазици (на македонски е преведен и издаден од Детска радост), а во 2010 година, според него беше снимен и филм кој воедно стана и најгледаниот бугарски филм во последните 20 години. Вториот роман на Алек Попов, Црната кутија (издаден во 2007 година) беше во потесниот избор за наградата Балканика во 2008 година. Во 2013 излегува неговиот најнов роман Сестрите Палавееви - првиот партизански роман пишуван по крајот на комунизмот.
Попов има напишано и шест радио претстави кои ги емитува Бугарското национално радио. Неговата најнова радиопретстава Ковачи, во 2012 година се реализира и на театарската сцена, благодарејќи ѝ на бугарската режисерка В’зкресија Вих’рова.
За своите книжевни достигнувања Алек Попов добил неколку награди, меѓу кои наградата Елијас Канети, наградата Хеликон и бугарската национална награда за драматургија Иван Радоев.

АНДРЕЈ НИКОЛАИДИС

Андреј Николаидис е роден во 1974 година во Сараево, Босна и Херцеговина, а од 1992 година, живее во Улцињ, Црна Гора. Работи како новинар и писател, пишувал колумни за црногорските весници Вјести и Монитор, и за босанскиот весник Слободна Босна.
Колумнист е во Дело (Љубљана) и Е-новине (Белград).
Како жесток поддржувач на црногорската независност, антивоен активист и поборник за човековите права, посебно оние на малцинствата, Андреј Николаидис стана познат во јавноста по неговите политички гледишта кои на локалните телевизии и во весниците беа манифестирани со неговите остри политички коментари.
Ја објавил збирката кратки раскази Катедралата во Сиетл, во 1999 година, а негови познати романи се Тие!, објавен во 2001 година, Мимесис (2003) и романот Син (2006), за кој ја добил Наградата за литература на Европската Унија во 2011 година. Овој роман е преведен на македонски во издание на Икона, 2013.