Уметничкиот совет на манифестацијата ПРО-ЗА Балкан, во состав проф.д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Ермис Лафазановски и проф. д-р Александар Прокопиев, има чест и привилегија за прв добитник на наградата за развој на балканската книжевност “Прозарт” за оваа 2013. година да го прогласи српскиот писател Владислав Бајац.

Владислав Бајац е познато и признато име меѓу современите балкански писатели. Неговите романи како “Книга за бамбусот”, “Друидот од Синдидун”, “Амамот Балканија” и неговите збирки раскази како “Европа на грбот на бикот”, “Подметнувачи за сништа”, “Гастрономски раскази” се преведувани, барани од читателската публика и високо вреднувани од книжевната критика ширум Балканот. Литературното дело на Бајац е добро познато и прифатено и од македонскиот читател.

Освен како ретка писателска индивидуалност, Владислав Бајац е пошироко познат и како издавач, сопственик на реномираната белградска “Геопоетика”, препознатлива по високите критериуми за одбир на свои автори, што преку своите изданија, на овие регионални простори премиерно доведе такви автори како Орхан Памук, Пол Остер, Јустејн Гордер...