Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 12-ти пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, во 2024 година му припадна на Владимир Пиштало, српски писател што ги означи еволуцијата и достигнувањата на современата српска проза при крајот на 20 и почетокот на 21 век.

Доживотната љубов на Владимир Пиштало кон книгата но и на книгата кон писателот Пиштало има силна генетска поткрепа – неговите родители беа страсни библиотекари, а кога се раѓал мајка му од работното библиотекарско место заминала во болница. Оттаму не е ни чудно што тој уште на 21 година ја објави својата прва книга, а во исто време формираше едно од највозбудливите списанија на новата проза, „Белградска манифактура на сништата“. Понатаму, неговиот возбудлив животен пат го водеше во разни земји и континенти, но напоредно со неповторливите животни искуства, Пиштало пишуваше. Објавил десетици белетристички книги, кои жанровски се различни. Има збирка раскази, сликовници, манифести, патеписи, романи. Но во сите тие дела провејува еден врвен љубопитен книжевен дух и еден само нему својствен книжевен стил.

И денеска, освен што не може никако да се откаже од пишувањето, Пиштало е библиотекар, односно на чело на најголемата српска национална библиотека.

Неговите романи се преведувани и наградувани ширум Балканот (тој е еден од најсаканите балкански прозаисти), но и ширум Европа и светот.

Објавил 14 книги белетристика, од поетска проза до романи - „Корто Малтезе“, „Витраж во сеќавањето“, „Александрида“, „Милениум во Белград“, „Тесла, портрет меѓу маските“, „Венеција“, „Сонцето на овој ден: писмо до Андриќ“... Неговите раскази се вклучени во сите поголеми антологии на српската проза. Неговата книга „Тесла, портрет меѓу маските“ е преведена на 20 јазици. Неговиот роман „Милениум во Белград“ е преведен на десет јазици.

Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало, е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон: тој како шетач низ просторот и времето многу внимателно ги забележува детаљите на животот, а од друга страна го искушува обликот на пишување. Оттаму наградата „Прозарт“ сосема заслужено и праведно припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори.

Одбор за доделување на наградата „Прозарт“:
Ермис Лафазановски, претседател
Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови