Ѕвездан Георгиевски

ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ

Нешто е пред 22 часот. Гостите во крајбрежните кафеани наголемо ги јадат своите школки и ракчиња. Два пара на две маси се гледаат заљубено, додека срамежливо отпиваат голтки од наливното бело вино. На една од масите едно девојче се вдлабочило во цртежите што во тој миг ги црта, мислиш се преселило во некој друг, волшебен свет. Тројца рибари стојат на молот, залудно чувајќи ги нивните јадици во мрачните води. Околу нивните нозе трчкаат дечиња, користејќи ги последните мигови, пред нивните запиени родители да ги легнат в кревет. Весело друштво од десетина млади луѓе, седнато во круг на опустената плажа, гласно се смее. Недалеку од нив се распослала некоја жена, небаре се сонча на младата месечина.

„Види го бродот! Види го бродот!“, вика едно од задишаните деца околу нозете на рибарите. Никој не му обраќа внимание. Сите се навикнати на шарените туристички бродови што во ова време од ноќта пловат во близината на брегот. Некои од нив се накитени со флуоресцентни светла како новогодишни елки. Од нивните палуби се мешаат различни и гласни музики.

„Види го бродот! Види го бродот!“, се дере дететето. Другите деца застануваат и втренчено гледаат во темниот хоризонт.

Девојчето со цртежите оденаш изнурнува од својот мистериозен свет и се загледува во хоризонтот. „Леле, бродот“, прошепотува и почнува да плаче. Тоа е знакот на кој повеќето од гостите во кафеаната ги креваат главите и погледнуваат кон морето. И како по наредба, сите стануваат и застануваат на работ од кафеанската тераса. И восхитено гледаат во морската шир.

А таму, подалеку од вообичаената патека на туристичките бродови, плови брод како да е осветлен со пламени јазици.

„Каква илуминација! Какво чудо на технологијата“, коментира мудриот седокос човек со луле во левата рака.

„Сакам да ме носиш на овој брод. Сакам да бидам во него“, милно му се обраќа една девојка, прекриена со проѕирна наметка од тантела, низ која јасно се гледа нејзиното бикини, на човекот со куси пантолони што стои до неа. „Секако, душо, секако“, без многу волја и ентузијазам одговара нејзиниот партнер.

„Тие се на ноќно бањање“, забележува некој што има добар вид. И, навистина, ако подобро се концентрирате можете да забележите темни сенки како скокаат од бродот. Но, бродот не стои во место. Се движи полека, ама се движи. И остава црвени траги на темната вода.

Фасцинацијата со необичниот брод бргу завршува. Луѓето се враќаат на своите вина, риби и октоподи. Рибарите залудно ги провераат своите јадици.

Само девојчето со цртежите неутешно рида. „Леле, бродот. Леле, бродот“.

Истата ноќ локалната телевизија ја објавува веста дека се запалил брод што плови на релација од пристаништето А до пристаништето Б. Има 14 жртви, а 17 лица се прогласени за исчезнати.

Идниот ден беше прогласен за ден на жалост. Туристичките бродови не пловеа. Во кафеаните немаше музика.

Само девојчето во тишина продолжи да си го црта својот замислен свет.



СМРТТА ВО САРАНДА

- Каде ќе одиш? - прашува жена ми, гледајќи како ја полнам патната торба.
- Одам во Саранда - ѝ велам јас. - Денес ја видов Смртта на пазарчето во Аеродром.
- Глупости - вели таа. - Сигурно не дошла по тебе.
- Сеедно - одговарам. - Морам уште еднаш да јадам од оние школки.
Влегувам во „пунтото“ и тргнувам кон Саранда. Жена ми оди на пазарчето во Аеродром и ја здогледува Смртта.
- Зошто го плашиш Ѕвездан? - прашува.
- Не дојдов за него - одговара Смртта.
Жена ми и Смртта пијат макијато во блиското кафуле. Водат неврзан разговор. Во еден момент жена ми ја кани Смртта на ручек.
- Фала ти како на сестра - вели Смртта. - Ама не можам. На полноќ ме чека неодложна работа во Саранда.
(според Сомерсет Мом: „Смртта во Самара“)



Рене Карабаш

ОСТОЈНИЦА



ДАНА

Кога се родив разбрав дека син значело боја
оти мајка ми веднаш ми кажа
мило момиче
очите ти се сини како небото
а небото беше сино значи син е боја
Бекија, оди по шмирглата, во висачот над умивалникот, гулабарникот нема сам да се направи, секој ден се бричеше над тој умивалник, потоа ќе си го избришеше лицето со крпата, бавно од неа ќе го избришеше и ножот за бричење, внимѐтелно од двете страни небаре го точи, и го ставаше во еден отвор на дрвената рамка на прозорецот, во Албанија нема многу сонце, повеќе има магли, гледате и сама, тогаш имаше сонце како никогаш порано, влегов во собата на татко ми, шмирглата беше таму кајшто ми кажа, ја зедов и го видов мало кружно огледалце над умивалникот, сонцето грееше за првпат во годината, го видов ножот за бричење на татко ми забиен во прозорецот, од него се точеше една танка сенка што ми паѓаше на лицето како мустаќи, темни и густи, се видов во огледалото, го осетив студенилото на ножот над горната усна, раката сама ми се движеше и моите детски розови прсти го допреа, тешко ми е да кажам што почувсствував, беше тоа некоја сила, 36

радост ли, не знам што, сакав да ме види татко ми
сеедно, за првпат си ги облекуваш алишта што ти се точни и не ти се ниту мали ниту големи, просто ти стојат, не мрднав, сините пердиња позади мојот грб се раздуваа, во огледалото во мене се втренчило едно бледо мустаклесто момче, личеше на Скендербег, еднаш мајка ми ми покажа фотографија пред да се родам, на неа таа и татко ми пред споменикот на големиот албански херој Скендербег во Тирана, единствениот пат кога излегле од селото, оделе на свадба на некој братучед на татко ми
некој чука на прозорецот и телото ми трепери, помислив дека е татко ми, но на прозорецот стоеше правнуката на баба Цане од горната улица, девојчето живееше во Бугарија и во селото доаѓаше за летниот одмор, на гости кај баба ѝ, во години беше колку мене, ама многу повисока и убава, никој не играше со неа оти само молчеше, Дана со нејзината проѕирна кожа стои на прозорецот и ми се насмевнува, забите ѝ се бели, уште ги паметам, пресно млеко и срам, широк колку плеќи ме прегрна и ме оддалечи на чекор од мијалникот, мустакот се залепи на синото перде зад мене, уште го чувствував, ама веќе зад грбот, како некакво присуство, како некој роднина од кој се срамам, сакам да се скријам од неа а таа втренчена во мене со белите забите, не знев што да правам, да ја прашам 37

зошто зјапаш глупачке, или да ѝ се насмевнам, подголтнувам на суво грло, Дана брџо прибери се, Бекија каде си, ајде, оти сонцето скоро ќе се скрие, погледнав кон вратата, после го вперив погледот кон вратата, па кон прозорецот, ама Дана веќе ја немаше, само силуетата ѝ стоеше таму, во рожницата на моите очи, како икона во рамката на прозорецот, ја стиснав шмирглата в раце и излегов од собата, продолжив да ѝ ја гледам силуетата кај и да погледнев, стискав очи, потоа широко ги отворав за повторно да ја видам, но Дана се смалуваше секој нареден пат, кога и да погледнев, додека не се претвори во малечка точка, што последно ја видов на челото на татко ми

Борис Дежуловиќ

ЗАЕБИ ЈА СЕГА ИЛЈАДАРКАТА

Папац, од друга страна, беше доброволец, член на ХОС, првоборец.
Заедно со Чеп беше во Вуковар, во времето кога во Благајевац сè уште се зборуваше дека
Југословенската народна армија треба сето тоа да го уапси и да направи конфедерација, како во Швајцарија.
Таму, во вуковарскиот пекол, Папац и Чеп биле ранети и врз основа на таа приказна во нивниот роден град била создадена легендата за јунаците од Благајевац во Вуковар, заради што сите во градот им се тргале од патот и им плаќале тури со пијачки.
Она што во Благајевац не го знаеле било дека Папац и Чеп биле во Вуковар всушност само пет дена пред првата граната да падне на градот, дека таму добиле четири ручека, два пара длабоки чевли од програмата на Борово и амблеми на 204-та вуковарска бригада, дека сите пет дена заедно со неколку десетина Херцеговци спиеле во едно училиште и чекале нешто, дека никој всушност не знаел што, дека на крајот наместо стингер или оса, Папац позајмил некое прастаро комбе и дека специјалната задача во која тој и Чеп биле ранети всушност се состоела во тоа што носеле комбе полно со валкани војнички гаќи и чорапи на хемиско чистење во далматинската улица.
Она што Папац и Чеп не го знаеле било дека старото комбе било од англиско производство:
тоа нешто се покажало поважно отколку што би било во нечиј друг живот. Во нивните, Чеп на совозачкото седиште до крај го спуштил стаклото, и бидејќи вуковарскиот коловоз бил врел, ја протегнал раката низ прозорецот за да се освежи и разлади, онака како што инаку во лето го прават луѓето кои се многу поинтелигентни од Чеп на совозачките места во сите автомобили во светот - во сите, освен во англиските. Бидејќи во сите англиски возила, така и во англиските комбиња - а од Чеп, кој никогаш во животот не размислувал за ништо, тешко можело да се оче- кува дека ќе почне да размислува токму тогаш и само за тоа - дека совозачот седи на левата страна. Така, на европските патишта каде што се вози на десната страна со раката пружена низ прозорецот од кај совозачкото седиште во англиско комбе почесто, а колку почесто би мо- жело да биде возењето на англиско воено комби по славонските сокаци, можело да се ризи- кува, на пример, да се удри со полна брзина во ретровизор на ауди од спротивната насока, и од силниот удар и од крикот на несреќниот човек од левото седиште, возачот да не ја додржи и да ја изгуби контрола на возилото. И на крајот, старото комбе, полно со мрсна кал, моторно масло, стари гуми и војнички гаќи, затанцувало по сокакот, удрило во столбот со реклама за вулканизерска работилница и завршило во ров. Папац и Чеп биле пренесени во болницата во Осиек - Чеп со потрес на мозокот и скршени сите прсти на левата рака, а Папац со скршени сите други коски во телото - за да се вратат во Благајевац после неколку месеци, крунисани со слава на вуковарски јунаци кои настрадале бра- нејќи го градот од четничката авијација.
Кога и како точно започнала таа приказна за авијацијата, никој повеќе не знае, а уште помал- ку за тоа им било гајле. Папац и Чеп дошле во гипсени завои и секогаш кога некој ќе ги прашал што всушност се случило во Вуковар, тие штуро одговарале дека биле ранети во специјална мисија. На почетокот, причината била заради срамот да се признае вистината за глупавата несреќа на комбето полно со смрдливи машки чорапи. Лагата за ранувањето многу полесно би се смислила ако во комбето бил само еден од нив - така, во секое време постоела барем уште една личност во Благајевац која ја знаела вистината.
Од друга страна, со нивната тишина и мистериозните погледи на прашањето како се случило сето тоа - Папац загадочно процедувал „не е важно“, додека Цеп одмавнувајќи со главата симулирал потрес на мозокот - тие само ја разгореле легендата за Папац и Чеп, хероите на вуковарската драма кои нерадо сакаат да зборуваат за тие денови. И оние ретките кои поне- когаш пред војната знаеле да го исмејуваат нискиот раст на Чеп и уште помалиот коефициент на интелигенција, сега му плаќале пијачки и ги избегнувале шегите за Чеп и за златната рипка.

Ненад Шапоња

ПСИХОЛОГИЈА НА ГРАВИТАЦИЈАТА

ВРАТИ СЕ:

ЗАТОА ШТО ВО ВРАЌАЊЕТО СЕ ПОСТОИ

Лесно, но злобно,
сè што не сакаме, се случува.
Остро и јасно,
зјапам
во самата заглавеност,
во конфузијата меѓу мене и тебе.

Ја следам најдлабоката тишина
по која одиш.

Ја следам неостварливата
и постојана привременост.

Редовно ги мерам
времетраењата на настаните
откако ќе се случат.

Ја чувствувам точката
во која работите се движат.

Неубедливост моја,
невнимателна,
ќе те прашам каде сум
и каде бев.

Затоа што направив сè
да го разоткријам ништото,
и ништото ме криеше
себеси од мене.

МОЈАТА ГЕОГРАФИЈА:

ИМЕТО И Е ПСИХОЛОГИЈА

Го прешишувам звукот на времето,
порозен и доверлив во исто време.

Колку години треба да имаш,
За да останеш млад засекогаш?
И колку е лесно да се заспие
и да не се разбуди.
Да бидете во себе и свој на своето.
Во целосна безбедност,
бидејќи таму сè е.


КОМУ ПРИПАЃА ПРОСТОРОТ:

НИЗ КОЈ СЕ ДВИЖАМ

Во средината на детството,
во овие кожа и тело,
педесет и пет лета стари
се движам во светот
со очи и ум на петгодишно дете.

Никој не ми верува.
Но, сите се подготвени да ме повредат.

Секогаш одиме таму каде што сме биле порано.
И сето тоа сè уште беше само
искушението на моментот.

Оној
во кој
не можеш да ме најдеш,
во никој падеж,
ниту во промислата на зачнатата близина!


ПСИХОЛОГИЈА НА ГРАВИТАЦИЈАТА

Ќе бидеш пленет.
И разочаран.

И ќе бидеш.
И нема да бидеш.

Неопипливо.
И присутно.

Моето тело е бомба.
Осигурувачот е во туѓи раце.



Виолета Танчева-Златева

„БЕЛА САМА“

Го најдов дневникот од годината кога сум се родила. Но изгледа мама многу ретко во него пишувала, и некако набрзина, расцепкано, во пасуси над кои нема дури ни датуми. Малку за бременоста, малку за моето раѓање и чудото на животот, па веднаш за моето проодување и шетањето во паркот и со баба Невена низ станот, проблемите со запишување во градинка, понатаму е споменато градењето на куќата и викендите во село... Останав разочарана. Очекував многу, многу повеќе, барем приближно колку албумите исполнети со фотографии од моето растење. А не само овие одвај дваесетина испишани страници. Но додека поткасувајќи си ја внатрешноста на устата се борам со својата суета, се потсетувам на нејзините зборови. Убаво е да се пишува за животот, но многу поважно е да се живее, Бела. Зашто сѐ што се случува, се случува само еднаш, нема реприза.

* * *
Колку малку ги познаваме своите родители. Колку малку разговараме со нив за суштинските работи. Додека и самите не станеме возрасни, ни се чини како да немаат друг живот надвор од родителството. Можеби и јас ќе бидам таква за некоја година. Ако имам дете, веројатно ќе ми биде непријатно да му раскажувам за себе некогашната, пред неговото доаѓање на свет. Можеби ќе се плашам да не ме види одеднаш како лоша личност, недостојна да му бидам пример во животот. Ќе се плашам од осудата во неговите очи, од студот и воздржаноста во гласот. Ќе го одложувам тоа мислејќи си дека работите сами некако ќе си се откриваат, или дека сега не се толку важни за него некои нешта од мојот живот, дека независно од нив треба да го гради сопствениот пат. Можно ли е животот на мајката и животот на детето да бидат одвоени, да се одмотуваат по две раздвоени патеки, да течат во сосема независни корита? Тие се како две посебно исткаени платна, но сошиени во средината едно за друго, сплотени, за да создадат една нова, поинаква и поубава целина.

* * *
Кога ќе се искачам на ритчето над нашата куќа, од другата страна ги гледам гробиштата. Пред две и пол години, кога почнаа умирачките од короната, селото ја купи големата нива на дедо Борис што се протегаше веднаш зад полуразурнатото ѕитче на старите гробишта, за да се прошират, да можат да ги соберат новите жители на подземјето.

Ненаситно нѐ јаде земјата, и пак гладна останува. Неволно се враќаме во неа, а таа штедро нѐ прибира во своите прегратки, како деца што ги пуштила да си поиграат, па ги вика да се вратат дома кога ќе се стемни. По целата падина се распослани домовите на смртта. Гробишта – аугментатив кој самиот во себе го носи стравот од смртта. Од тоа ненадминато страшило. Секој гледа да ја избегне, да ја одложи неизбежната средба колку што може подолго. Здрава храна, додатоци во исхраната врз божемна природна основа, скапи масла и кремови, масажи и препотување во фитнес-салите, затегнување на брчките и на пропаднатите образи, пластични операции, пумпање со филери и ботокси, пресадување органи, примање млада крв, вештерства... На сѐ, буквално на сѐ се подготвени луѓето само за да останат што подолго млади, да ги скријат знаците на староста, таа предавничка што нѐ носи пред портите на смртта. Не се плашам од неа. Се плашам од човечките страшила. Се плашам од умирањето на душата. А смртта.... неа ја познавам. Веќе успеав да ја припитомам. Пријателки сме. Дише во секоја моја клетка. Мене ме плаши мојата лична темница. Мракот скриен длабоко во мене. Што само чека згоден миг да скокне, да ме совлада.



Majk Дауни

ИСТАРСКОТО ЗЛАТО

Писмото беше од Џени.
Уште на самиот плик ги препозна облините на девојката направени со растреперена рака. Никој подобро не го разбра нивото на предавство што се случило, повеќе од Марко. Но, сè уште тоа не беше доволно да се знае што тоа ѝ направило на Џени. Длабоко во нејзиното битие, ова ниво на предавство значеше дека таа никогаш веќе нема да може да му верува на друго човечко суштество. Никогаш. Тој се напи уште една голтка од „мистериозо“, го врза својот метафоричен физички појас и се закотви за нешто што требаше да биде непријатен лет. Го отвори пликот и го извади првиот А4 лист.

Мил мој Мет:
Всушност јас и не знам како да те наречам заради тоа што во последниве две години јас сум била во врска со една потполно различна личност. За сето тоа време ти беше центарот на мојот свет, мојата алфа и омега, моето сѐ – а всушност ти и не си постоел вистински. Претпоставувам дека ова е она за кое велат дека животот е илузија. Најчудното нешто е тоа што не можам да престанам да те сакам. Но, знам дека морам. Заради тоа што со она што ти ми го стори мене, јас веќе нема да можам самата да си верувам на своите сопствени процени за што било понатаму во животот. Дали ти воопшто можеш да започнеш да замислуваш какво чувство е тоа? Те знам тебе како Мет и ако си ти истата личност со Марко или какво и да е твоето вистинско име, знам дека ништо што ќе кажам нема да може да те повреди толку многу колку што ќе се повредиш себеси поради ова. И верувај ми. Навистина би сакала да те повредам. Мет, немав никаква врска со она што се случи кај тебе вечерва. Ова е нешто што момците го започнаа, и ќе те прогонуваат додека не почувствуваат дека го добиле својот килограм месо и дека ти го уништиле животот најдобро што можат. Ќе престанам да те сакам. Само не знам кога.
Никогаш немој да ме контактираш.
Ништо не може да излезе од ништо.
Џени

Потоа солзите слободно потекоа, како тивок дожд. Без испуштен звук. Не беа тоа солзи за самосожалување. Се појави огромно чувство на празнина во врска со сѐ.
Со солзи.
Стјуардесата облечена во сино на „Рајанер“ помина покрај него.
„Уште еден во клубот на плачковците на Мајли“, шепна таа доволно гласно за и тој да може да чуе, и продолжи по својот пат кон кујната.
Се врати по две минути со марамчиња.
„Повели, мил мој“, му шепна таа тивко во неговото уво, „земи длабоко здив. Испиј уште една чаша вино и обиди се да престанеш пред да слетаме, а тоа е за половина час. Ако сакаш, можам да ти позајмам малку од мојата шминка.“
Марко го крена погледот и се насмевна. Ги избриша солзите и тоа што му течеше од носот. И размислуваше за моментот. Моментот стана повеличествен со фактот дека за четврт век летајќи со „Рајанер“, човек и момче, ова беше првиот вистински чин на човечка љубезност што некогаш го добил од некој што работел во нивната флота. Тоа речиси го натера да посака повторно да заплаче. Но, како што често се случуваше со Марко, тој ја претвори неволјата во хумор, ја виде смешната страна и се прибра. И потоа испи уште една чаша црвено.


*****

„АНГЛИСКИОТ ЕБАЧ!!!!“
Беа првите зборови што над вревата ги слушна Марко при пристигнувања на терминалот додека минуваше преку царината и излегуваше во просторот за пречекување на патниците на аеродромот „Фриули Венеција Џулија“.
„Каде си досега, валкан англиско српски ебачу!!!“
Веднаш во воздух го подигна една брадеста мечка од маж, се вртеше наоколу со завидно танцувачко движење, и повторно го спушти со три многу големи бакнежи во образите, проследено со, буквално, мечкина прегратка.
„Три пати за Србите!“, грмна Звонко, најдобриот пријател на Марко од детството, додека на својот пријател му задаваше уште три гласни бакнежи во образите. Неговиот брат, неговиот чувар, неговиот заштитник. Неговиот единствен пријател. Единствениот човек што некогаш го сакал. Дури и кога сакаше да биде (што всушност често беше) целосно симпатична и крајна досада. Неговите родители сакаа да го нарекуваат Жељко – детето што се посакува – но по првите 48 часа тој беше толку бучен и поголем од животот, што неговите родители му го сменија името во Звонимир или Звонко – гласно како ѕвоно.
„Колку се радувам што те гледам, брат“, рече Марко, тешко земајќи воздух.
„Како разбра дека доаѓам?“
„Стариот. Тој ми се јави. Бев во Мотовун и една вечер преспав во Каштел. И како да одолеам и да не дојдам да го земам моето братче од аеродром?!“ Повторно го крена Марко и го заврте. Се собираше мала толпа. Марко се повлече малку назад за да ја види комплетната појава на Звонко. Триделен костум. Овде-онде побелена брада. Два метри висок. Голема насмевка како сончев сјај.
„Да те погледнам“, рече Звонко, одмерувајќи го уште еднаш Марко.
„Да те погледнам!“, рече Марко гледајќи го Звонко од главата до петиците. „Ѕвонко: има ли нешто што сакаш да ми кажеш? Ќе ме направиш вујко? Близнаци, можеби?“
Тргна по Марко, кој прибрано се тргна настрана. Звонко се исправи до полна висина и го наду својот не баш незабележлив стомак до максималниот обем. Го погледна Марко покажувајќи со раката, замавна со колковите, колку за толпата и за Марко, и рече: „Девојко, ова не е пивски стомак ‒ тоа е резервоар за гориво за мојата љубовна машина!“
„Точно“, се замеша Марко, „време е да си тргнеме одовде. Каде се паркираше?“
„Ваму од напред. Ајде, мрдни. Јас ја зедов твојата торба. Ќе бидеме токму навреме за една пијачка во Грожњан, ручек во Мотовун, и на крајот за вечерата дома. Беше крајно време јас и ти да надоместиме за сѐ. Имаме многу работи да си раскажеме. Има и добри, а богами и лоши.“



Владимир Пиштало

МИЛЕНИУМ ВО БЕЛГРАД

ГЛАВА II

Преобразба

Во Белград никогаш не се свиреше подобар рок отколку по смртта на Јосип Броз Тито. Со својата вечна љубов и омраза за Марија, мојот другар Бане Јановиќ основаше групи од новиот бран што се нарекуваа „Акустична сенка“, „Млади а дебели“, „Сакати од страв“ и, на крајот, „Верениците на Кафка“.

Со доаѓањето на „новиот бран“ во нашиот град се ослободи наплив на таков ентузијазам што дури и статуите се поместија. По белградските улици се слушна возбуден цикот. Очите искреа. Јас можев да речам: ова е нешто што е мое. Мојот град е конечно мој. Ова е нешто од мојата планета.

Сè започна така што Бане Јовановиќ зеде орден за храброст од Втората светска војна. Расклопи бензинска запалка и зажари една игла. Ја стегна својата цицка и го закачи орденот на голо месо. Зачкрта со забите и рече: Одиме! Бане својот музички имиџ накратко го изразуваше на овој начин:
1) Очаен сум.
2) Немам девојка.
3) Не знам да свирам.
4) Толкумина знаат, ама немаат што да кажат.
5) Јас сакам нешто да кажам, ама не знам како.

Бане и Марија ги рецитираа текстовите од Букварот со помош на ритам машината сè додека не научија да свират. Ја ширеа популарноста на „Зенит“, авангардата од 20-тите години, ги пародираа соцреализмот и шлагерите од шеесеттите. „Сакати од страв“ се распаднаа точно кога требаше да снимат плоча. Најдобриот органист во градот ги остави и почна да се занимава со црна магија. Му телефонирале на пријател од Загреб за да го откажат концертот во Кулушиќ. Кога се скрасија со „Верениците на Кафка“, Бане почна да се клешти на фотографиите во списанието „Џубокс“.

– Стварноста е мошне дефицитарна во овој наш град – изјави во едно интервју.
– Не можам да ги поднесам другите луѓе – велеше во друго интервју. – Затоа што се „други“, а и онака, што имам, па, да ги поднесувам.
– Дали се чувствуваш славен? – го прашаа.
– Јас сум славен кога сум среќен – одговараше Бане со цитат од Јан Дјури.


Една мајска вечер во 1982 година „Верениците на Кафка“ свиреа во едно набиено дворче, кое некогаш се нарекуваше Офицерски дом. Од таа зграда, пред седумдесет и девет години, Драгутин Димитриевиќ Апис и неговите заговорници тргнале да ги убијат српскиот крал Александар Обреновиќ и кралицата Драга Машин. На местото каде што некогаш се заколнуваа припадниците на „Црна рака“, сега растураа „Верениците на Кафка“. Секогаш кога помислувам на Бане и Марија, се сеќавам на нивниот прв албум „Колку имаме и што?“

Раката на басистот од „Верениците на Кафка“ потсетуваше на нога од куче што се чеша. Тапанарот одвај ги погодуваше тапаните од сценскиот чад. Во сако со прешироки рамена, Бане личеше на Франкенштајн. Рефлекторот направи круг околу него. Тој се исправи и го отфрли сакото. На голите гради блесна орденот за храброст од Втората светска војна. Публиката беше огромно тело без лице, кое играше. Публиката беше црниот Квазимодо. Таа на појавата на Бане одговори со крик на охрабрување.

Она на што присуствував ми личеше на мешавина од макумба и наполитанска опера од XIX век. Сцената стана магично место на преобразба. Табаните ни трепереа од моќните звучници. Басовите ни ги тресеа бубрезите.

Во осветлениот круг, Бане заситни со рамената. Повеќе цупкаше од нервоза отколку што играше на музиката. Почувствував дека се бори со своето тело и полека постигнува контрола над него. Во еден момент го искина синџирот на тремата и залаја во микрофонот. Почна силовито да игра со испрекршени движења. Масата од луѓе експлодираше. Бане Јановиќ, кој пред малку одвај се избори со сопственото тело, сега играше со сите тела на публиката.

Си помислив дека белградскиот нов бран е токму тоа – освојување на себеси. Толку сериозен Бане не сум видел досега. Тој беше индијанскиот поглавар Лудиот Коњ. Тој беше дервиш во вртоглав транс. Бане го држеше микрофонот со двете раце и држеше ритам со ногата. Почувствував гордост и љубомора. Тој се осмелуваше на она на што јас не се бев осмелил никогаш. Се осмелуваше да биде тоа што е. На сцената, Бане стана играч по врел јаглен. Стана пророк кој со погледот го отвора небото и со петите копа извори. Зад Бане избиваше чад. Од него избиваше најубавото и најстрашното нешто на целиот свет. Гледајќи го Бане на концерт, сфатив дека сите институции на овој свет се само безбедносни ѕидови дигнати околу харизмата. Таа пророчка сила може пустината да ја преобрази во оаза, може да ја подигне толпата, да ги споулави задреманите, со солзи да ги наполни очите.

Рефлекторот се промени и Бане смени боја. Сега беше зелен како дух на пејотл. Дали е тоа човекот со кој израснав? Ме полазија морници по грбот кога на сцената истрча Марија со саксофонот. И таа беше преобразена.

Бане беше горд и трагично сериозен. Градите со орденот за храброст се подигаа. Пот му течеше низ слепоочниците. Не пееше веќе. Само ја гледаше Марија. Марија го подигна саксофонот и дувна. И тоа беше како кога Бегемот ќе свирнеше во Мајсторот и Маргарита. Таа дувна и страшен ветер се дигна. Таа дувна и завесите се разбрануваа. Таа дувна во едрата на нашите души. Голем ветер нè понесе. Марија се извиваше наназад, како едриличар, и нè подигнуваше со звукот на саксофонот. Салата со разиграните луѓе се преобрази во бродот на талкачкиот Холанѓанец. Марија дуваше во неговите едра и бродот леташе над градот, над светот. Бевме убедени дека сите заедно ќе одлетаме во вселената, населена со страсни медузи, со џинови и со духови на пејотл.