Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 11-ти пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, во 2023 година му припадна на Драго Јанчар, словенечки писател со изострен нерв за современо раскажување и писателска моќ во коишто слика оригинални страници во словенечката и балканската проза. Неговите прозни дела во современата балканска и европска литература се наметнуваат како силен потенцијал во разоткривањето нови стратегии и можности на прозното писмо.

Како романсиер, раскажувач, драматург и есеист, Јанчар е централна фигура во современата словенечка литература

Неговите романи, есеи и раскази се преведени на 33 јазика и објавени во Европа, Азија и САД. Додека неговите драми, поставени од голем број странски театри, дома се сметаат за најважни настани во словенечката театарска сезона.

Јанчар има добиено голем број словенечки и меѓународни книжевни награди, вклучувајќи ја „Прешерновата награда“, највисоката словенечка награда за уметнички достигнувања за 1993 година; четири награди „Кресник“ за најдобар словенечки роман на годината за 1999, 2001, 2011 и 2018 година, како и наградата „Кресник“ за најдобар роман на деценијата во 2020 година; Европската награда за краток расказ, 1994 година; наградата „Хердер“, 2003 година; наградата „Жан Амери“, 2007 година; Европската награда за литература, 2011 година; Наградата за најдобра странска книга 2014; Австриската државна награда за европска литература, 2020 година и други.

Во делото на Јанчар проникливоста на авторот е богато поткрепена со неговиот раскажувачки шарм - пример на изнијансирана, концентрирана проза, а многу добро приспособена кон сликање на современиот живот, дилеми и предизвици.

Одбор за доделување на наградата „Прозарт“:
Ермис Лафазановски, претседател
Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови