Наградата “Прозарт” што Интернационалниот литературен фестивал “ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор
за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2017 година со едногласна одлука на Одборот за доделување на наградата, му припадна на исклучителниот прозен автор од Хрватска, Миљенко Јерговиќ.

Извонредно богатиот, впечатлив книжевен опус на Миљенко Јерговиќ, содржи инспиративни книги поезија, есеистика и журналистика, но, неговото високо реноме на еден од најоригиналните балкански автори, се должи најмногу на неговата проза. Уште од својот прозен првенец, збирката раскази „Сараевско марлборо“ до последните писанија Јерговиќ на својот специфичен авторски начин ги преплетува документарното, автобиографското и фикцијата, ги проникнува минатите времиња во сегашноста, туѓите биографии со онаа на сопственото семејство, и притоа со висока стилска мајсторска умешност ги раскажува своите комплексно замислени, но со леснотија остварени прозни дела.
Неговиот сочен, пластичен јазик, и мајсторството со неговото владеење, го издвојува Јерговиќ како суптилен зналец и јазичен стилист во балканскиот прозен контекст.
Јерговиќ е високо ценет и толкуван не само од хрватската, туку и од меѓународната критика, читан, сакан и наградуван автор не само во Хрватска туку и ширум Европа. Така, и кај нас тој сигурно припаѓа на малубројната елита балкански автори чиј превод на секоја нова книга се чека со љубопитност и возбуда.
Чест ни е годинашнава наградата „Прозарт“ да ја доделиме на писателот Миљенко Јерговиќ за неговиот несомнен придонес во развојот на современата проза на Балканот.

Одбор за доделување на наградата “Прозарт”:

Претседател
Ермис Лафазановски

Членови
Александар Прокопиев
Дејан Трајкоски