
ЕВАЛД ФЛИСАР, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПРОЗАРТ“ 2025
Наградата „Прозарт“, која по тринаесетти пат ја доделува Меѓународниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ на истакнат автор за неговиот/нејзиниот придонес во развојот на книжевноста на Балканот, во 2025 година му припадна на Евалд Флисар, најпреведуваниот словенечки писател и драматург. Тој бил претседател на Друштвото на
словенечките писатели во три последователни мандати, од 1995 до 2002 година.
Постигнал значаен меѓународен успех со преводи на неговите романи и драми на 40 јазици (вкупно 270 преводи низ светот).
Флисар е мајстор на раскажувањето и дијалогот, а неговиот јазик звучи со необична природност и во романите и во драмите. Преку остри конфликти на различни перспективи, тој гради синтеза на сеопфатен светоглед.
Флисар развива уникатна, современа верзија на билдунгс-роман. Еден од неговите најпознати романи, „Чиракот на волшебникот“ (1986), припаѓа на овој жанр. Тој е објавен во тринаесет словенечки изданија и е препознаен како „најчитан словенечки роман на 20 век“, со бројни преводи.
Неговите драми се изведуваат во десетици професионални театри на сите континенти, во градови како Лондон, Вашингтон, Рејкјавик, Москва, Мумбаи, Њу Делхи, Токио…
Со својата префинета синтеза на реализам, иронија, симболизам и чувствителност, Флисар заслужено се смета за наследник на Чехов, театарот на апсурдот и англиската и американската драма од втората половина на 20 век.
Тој е добитник на награди како што се Наградата на Прешерновиот фонд (за три негови дела), Жупанчичевата награда за животно дело и др. Бил номиниран и за Меѓународната книжевна награда во Даблин, учествувал на повеќе од педесет книжевни фестивали и настани…
Наградата „Прозарт“ заслужено и оправдано му припадна на Евалд Флисар, член на Словенечката академија на науките и уметностите и еден од големите мајстори на пишаниот збор.
Комисија за наградата „Прозарт“:
Проф. д-р Ермис Лафазановски, претседател
Проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови