МУХАРЕМ БАЗДУЉ

Мухарем Баздуљ е писател, новинар и преведувач, роден 1977 година во Травник. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Сараево. Има објавено дваесетина книги, и тоа романи, збирки раскази и есеи. Неговите книги се преведени на англиски, германски, полски, украински, бугарски и македонски, а некои раскази и есеи на петнаесет други јазици. За неговата збирка раскази „Втората книга“, ја има добиено наградата на „Отворено општество“ за најдобра книга во Босна и Херцеговина во 2000-та година. Неговите раскази и есеи се вклучени во антологиите Најдобра европска фикција, Ѕидот во мојата глава и Белградскиот Ноар. Престојувал во литературни резиденции во Бостон (САД), Брисел (Белгија), Грац и Виена (Австрија), Скопје (Северна Македонија), Софија (Бугарија), Мокрин и Сичево (Србија), и во Санта Мадалена (Италија).

Од англиски, меѓу другото, ја има преведено книгата со избрани песни од В.Б. Јејтс и збирката поезија на Боб Дилан, романите на Пол Остер и Една О’Брајан, потоа преписките на Џек Керуак и Ален Гинсберг, автобиографската проза на Пети Смит и биографската книга на Марк Томпсон за Данило Киш.

Добитник е на најважните новинарски награди во Босна и Херцеговина и во Србија: најдобар новинар во печатените медиуми во БиХ која ја доделува Здружението на новинари на БиХ (2012), „Станислав Стаза Маринковиќ“ од весникот „Данас“ за истражувачко новинарство и новинарска храброст (2014) како и „Богдан Тирнаниќ“ на Здружението на новинари на Србија за најдобар колумнист и коментатор (2014).

Два од неговите романи се објавени и на македонски јазик: Kукла од марципан (Везилка, Скопје, 2017) и Ѓаурот и Зулејха (Готен, Скопје, 2019).

Живее во Белград.

УГЉЕША ШАЈТИНАЦ

Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1999 година, отсек драматургија. Добитник е на наградата „Јосип Кулунџиќ“ за најдобар студент на драматургија, како и на наградата „Слободан Селениќ“ за најдобар дипломски текст „ПРАВОТО НА РУСИТЕ“. Од 2005 година предава драматургија на Академијата за уметности во Нови Сад. Од 2003 - 2005 година работел како драматург во Српскиот народен театар (СНП) во Нови Сад. Приближно во исто време бил и уредник на изданието на нови драми млади писатели „ПРОЕКТ 3“ чии претстави се изведени на фестивалот „СТЕРИЈИНО ПОЗОРJЕ“ во месец мај 2005 година во СНП. За „Хадерсфилд“ е добитник на наградата „Јован Поповиќ Стерија“ за најдобра современа претстава во Стеријино Позорје во 2005 година. Бил член на жирито на БИТЕФ во 2005 година. Во 2008 година е лауреат на нагрдата „Билјана Јовановиќ“ за проза „Вок ОН“. Во 2014 е добитник на наградата на литература за литература на Европската унија (EUPL) за романот „Сосема скромни дарови“. Член е на Српското литературно друштво (СКД) од 2007 година.

МАГДАЛЕНА БЛАЖЕВИЌ

Магдалена Блажевиќ (1982) е писателка на кратки раскази од Босна и Херцеговина. Родена е и детството го поминала во Жепче, мало гратче во централна Босна. Студирала англиска и хрватска литература во Мостар каде живее и работи. Има добиено неколку награди за најдобар расказ а нејзината прва збирка раскази „Прослава“ е објавена оваа година.

ЕЛИЗАБЕТА БАКОВСКА

Елизабета Баковска (Битола, 1969). Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Била главен уредник на електронското списание за култура и литература Блесок (www.blesok.mk). Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици.

КАЛИНА МАЛЕСКА

Калина Малеска е македонска писателка, авторка на три збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга 1998), Именување на инсектот (Слово 2008) и Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или 2016), романите Бруно и боите (Слово 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово 2014), драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (Слово 2010), книгата за деца Арно ама (Или-Или 2018) и книжевната студија Облици на моќ во современата книжевност (Или-Или 2020). Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Нејзиниот расказ „Поинаков вид оружје“ е застапен во антологијата Best European Fiction 2018. Малеска предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: Тристрам Шенди од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Френк Баум.

МАЈА СОЛАР

Маја Солар (1980, Загреб), докторирала филозофија. Се занимава со политичка теорија, преведува од англиски и француски јазик, пишува поезија и проза. Членка е на колективот „Герусија“, дел од уредништвото на списанието за теориска пракса „Ствар“, а од 2015 година е преведувачка и член на редакцијата на српското издание на весникот „Le Monde Diplomatique“.
Ја има објавено збирката поезија „Макулалалалатура“ (2008) за која ја добила Бранковата награда (2009). Втората книга поезија, на унгарски јазик, „Jellemzõ, hogy nem természetes“ е објавена во 2015 година. Третата збирка поезија, „Без зачин“, ја објавува во 2017 година. Нејзините песни се вклучени во бројни антологии и зборници.
Од 2007 до 2014 година била дел од уредништвото на списанието за книжевност и теорија „Поља“. Била членка на Центарот за нова книжевност „Неолит“, на поетско-политичкиот театар „Поетски дупки“, авторка и учесничка на перформативно-поетската програма на „ЛИЛИТирање“ (изведување на поезија на поетеси), како и неколку перформанси и поетски видео дела. Од 2019 година заедно со Жак Луциќ го уредува и води поетскиот подкаст на емисијата „Полна уста со поезија“. Моментално живее во Нови Сад.

БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ (ПИЈАН СЛАВЕЈ)

Бранислав Николов (Пијан Славеј) е роден во 1971 година во Битола. Средното образование го завршил во училиштето „Јосип Броз Тито“, а студирал француски јазик и француска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Николов е автор и пејач во групата „Фолтин“. Заедно со групата објавил осум студиски албуми, учествувал на бројни интернационални музички фестивали, компонирал музика за повеќе од триесет театарски претстави и десетина филмови, како: „Cash and Marry“ „Исцелител“, „Медена земја“ итн. На 14 февруари 2018 година, Николов настапил на концертот „Murder Ballads“ во Скопје, заедно со Македонската филхармонија.

АНТЕ ТОМИЌ

Анте Томиќ (1970) е познат хрватски писател. Толку познат, и толку многу пати споменуван во весниците и на телевизија, што сериозно размислува да си испечати визит-картички на кои ќе го напише токму тоа под неговото име - познат хрватски писател. Работи како новинар за „Јутарњи Лист“, а неговите саботни колумни се омилено четиво за сите оние кои сакаат да се насмеат дури и кога ситуацијата во земјата е лоша. Како писател досега има напишано четири романи: „Што е маж без мустаќи“, „Ништо не треба да нè изненади“, „Љубов, електрична енергија, вода и телефон“ и „Чудо во Поскокова Драга“. Има објавено и збирка раскази „Заборавив каде паркирав“, две книги со фељтони „Фолклорен фестивал“ и „Класа оптимист“ и две книги со колумни - „Покорниот граѓанин“ и „Момче кое ветува“. Заедно со Ивица Иванишевиќ го напишал сценариото за филмот „Последната волја“, а заедно со Рајко Грлиќ сценариото за „Нека остане меѓу нас“. Во соработка со Ренато Баретиќ и Ивица Иванишевиќ, го има напишано и сценариото за ТВ серијата „Ново доба“. Во 2005 година, Хрвоје Хрибар го сними филмот „Што е маж без мустаќи“ врз основа на неговиот прв роман, а една година подоцна Рајко Грлиќ го сними филмот „Караула“ базиран на неговата книга „Ништо не треба да нè изненади“.

МИЉЕНКО ЈЕРГОВИЌ

Миљенко Јерговиќ е еден од најзначајните писатели во регионот на поранешна Југославија. Тој е роден во 1966 година во Сараево, а денес живее во Загреб. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), Италијанската Premio Grinzane Cavour (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) наградата „Његош“ (2015), Прозарт (2017). Тој е најчитаниот автор во регионот.

ДАМИР КАРАКАШ

Дамир Каракаш е роден на 21 ноември 1967 година во Лика, планинскиот регион на Хрватска, познат по суровите зими, волци и познатиот пронаоѓач Никола Тесла. Дамир има напишано пет романи, три збирки раскази, патопис и две претстави. Некои од неговите книги имаат култен статус кај читателите. Неговите книги се преведени на германски, чешки, македонски, словенечки, италијански јазик, а огледи за неговото дело се објавени во некои од најистакнатите книжевни списанија (МекСвини квартал во САД и Ноје Рундшау, во Германија). Студирал земјоделство и право во Загреб, а потоа пет години живеел во Париз каде студирал француски јазик на универзитетот Сорбона додека за живот заработувал свирејќи хармоника на улиците.

Според неговата збирка раскази „Кино Лика“ снимен е филм што освои бројни награди на реномирани филмски фестивали. Во повеќе наврати, тој ја претставува Хрватска на Саемот на книгата во Лајпциг, каде што во 2017 година се случи промоцијата на неговиот роман „Сеќавање на шумата“, книга за невообичаено полнолетство, која критичарите ја поставуваат рамо до рамо со дело на некои од најдобрите писатели од поранешна Југославија (Иво Андриќ, Данило Киш и др.). Живее во Загреб.