Наградата „Прозарт”, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2020 година му припадна на големиот албански писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус кој константно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика.

Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен и карактеристичен стилски и јазичен идиом, кои го издвојуваат неговото дело во групата на современите светски великани на литературата.

Непомирлив во однос на чесноста на писателскиот, но и интелектуален став со непресушен имагинативен капацитет Кадаре постојано низ половина век творештво ги изненадува познавачите на литературата со високо литерарна разработка на теми во кои содејствуваат локалното и универзалното.

Кадаре е автор на повеќе светски познати книги, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“... Сите овие книги се различни во однос на тематиката, времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилски суштествени одлики на писмото на Кадаре.

Со голема чест ја доделуваме наградата „Прозарт“ за писателот кој ја одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувања.

Одбор за доделување на наградата “Прозарт”:

Претседател
Ермис Лафазановски
Членови
Александар Прокопиев
Дејан Трајкоски