„Скопје fellowship“ програма

Странски издавачки куќи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути - гости на ПРО-ЗА БАЛКАН. „Скопје fellowship“ програмата е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Фестивалот меѓу првите во регионот воспостави програма посветена на овој профил на гости, и продолжува со несмален интензитет. Целта на Фелоушип програмата е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да ги запознаеме со нашата книжевна сцена, од што, се надеваме, ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели странство, промоција на литературата, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот...





НАЗЛИ БЕРИВАН АК

Назли Бериван Ак е писателка, уредничка и преведувачка. Дипломирала на Факултетот за јазици, историја и географија на Универзитетот во Анкара и магистрирала латински и старогрчки на истиот отсек. Во моментов го подготвува
својот докторат на Катедрата за историја на религиите на Теолошкиот факултет. Од 2009 година работи како уредник
на Ејприл Паблишинг, со седишта во Истанбул и Анкара. Некои од писателите на кои таа им била уредник се Хан Канг, Џоди Пикулт, Скарлет Томас, Џон Перкинс, Шубанги Сваруп, Кајли Рид, Авни Доши, Курт Вонегат, Гречен Рубин, Тибор Фишер, Чарлс Соул, Адам Фојер и многу други важни литературни фигури. Таа е преведувачка на текстови од старогрчки, латински и англиски, а пишува и текстуални анализи за голем број весници и списанија. Покрај тоа, таа честопати се појавува и како говорник на меѓународни и регионални книжевни настани, и тоа како експерт за издаваштво на турскиот пазар.







ЈАСМИНА РАДОЈИЧИЌ

Јасмина Радојичиќ (1985 г.) дипломирала на Катедрата за компаративна книжевност во Нови Сад. По завршувањето на додипломските студии магистрирала на програмата „Европска литература и култура“ на универзитетите во Болоња и Солун. Во моментов е на последната година на докторски студии по литература на Филолошкиот факултет во Белград. Објавува во домашни и странски списанија кои покриваат теми од областа на литературната теорија.

Од 2015 година работи како уредничка во издавачката куќа „Лагуна“, каде што е уредник на книги од локални автори од регионот, класици на светската литература (едиција Класици на светската литература), новооткриени класици (едиција Феникс) и заборавени српски авторки од првата половина на 19 век (едиција Савременице). Меѓу другото
го има уредено романот „Заблудата на Свети Себастијан“
од Владимир Табашевиќ, кој ја освои наградата на НИН за роман на годината во 2018 година; потоа романот Рамнотежа на Светлана Слапшак, кој ја освои Виталовата награда во 2017 година; романите на на Јелена Бачиќ-Алимпиќ, писателка со најголем тираж во регионот;
романи од Владимир Арсенијевиќ, Иван Ивањи, Ведрана Рудан и многу други.

ДОРОТЕЈА МОНОВА

Доротеја Монова е директорка на издавачката куќа „Парадокс“. Магистрирала на новинарство и масовни комуникации на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ - магистер по телевизиско новинарство.
Автор е на голем број публикации за теорија на новинарството, изданија со теми од издавање книги, филмски критики, класичен балет и литература. Г-ѓа Монова ја започнала својата кариера во издаваштвото во 1986 година како уредник на Софија универзити прес.
Во 1991 година, таа ја основа Парадокс, специјализирана
за елитна и авангардна литература. Во 2007-2011 година, Монова била главен уредник на Софија универзити прес.

МИЛЕН МИЛЕВ

Милен Милев, роден 1983 година во Софија, Бугарија, е уредник во издавачката куќа „Парадокс“ и одговорен за странски права и лиценци. Магистрирал на издаваштво на книги, германска филологија и политички науки на Универзитетот Јоханес Гутенберг во Мајнц, Германија. Милев, исто така, е преведувач од германски на бугарски јазик и има преведено неколку наслови.