Шелева Елизабета

Шелева Елизабета е родена во Охрид (1961 г).
Редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Претседавач на здружението на Независните писатели на Македонија и уредничка на книжевното списание „Наше писмо“. Членка е на македонскиот ПЕН центар. Долгогодишна уредничка на регионалното списание за литература и култура „Сарајевске свеске”, кое излегува во Сараево (БИХ). Директорка на летната школа „Македонскиот културен идентитет“, при „Свети Климентовиот летен универзитет“, одржана во Охрид, 2011 г. Професорка на курсот „Балканскиот субјект и неговите родови“, при Охридскиот летен универзитет за пост-дипломци, одржан во Охрид, 2001 г. Раководителка на научно-истражувачкиот проект „Удвоена Другост – родовите аспекти на балканизмот“, при фондацијата „Институт Отворено Општество“ - Македонија, во 2004 г.
Гостин професор на школата за пост-дипломци „Феминизмот во транс-национална перспектива“, при Интеруниверзитетскиот центар во Дубровник (Хрватска), во учебната 2007 и во учебната 2008 година.
Учесник на тркалезната маса со Гајатри Спивак „Постколонијалниот дискурс и Балканот“, одржана во Скопје, на 8 јули 2003 г. Раководителка на симпозиумот „Без прогонство, кој сум јас“, при Струшките вечери на поезијата, посветен на лауреатот Махмуд Дарвиш (во 2007). Учесник од Македонија во меѓународниот проект „Сликата на Другиот во книжевното образование во Југоисточна Европа“, во 2001 г., Софија (Бугарија).
Колумнистка на дневниот весник „Дневник“, во текот на 2000 г.
Ги уредила: антологијата на македонската современа поезија „Песна меѓу две лета“ за Струшките вечери на поезијата, во 2009 г. и блокот „Македонската поезија во транзиција“, за специјалниот број на „Сарајевске свеске“ за 2007 г.
Член од Македонија во меѓународното жири за доделување на наградата „Балканика“ во 2007 г., 2009 г. и 2011 г.
Авторка на предговорот кон Изборот поезија од Вали Монгани Сероте, добитник на Златниот венец на СВП за 2012 г.
Авторка на критички текстови за ликовните каталози на: Мирослав Масин, Слободан Живковски, Стојан Ѓуриќ, Драган Мијач, Маријета Сидовски и Симонида Филиповска, Емил Шулајковски.
Преведува од англиски, српски, словенечки јазик - од англиски јазик ги превела теориските книги на Џудит Батлер „Проблеми со родот“ (1998 г., заедно со Р.Алаѓозовски) и Карл Попер „ Непрекината потрага – интелектуална автобиографија“ (2001 г), како и книгата поезија „Медено ласо“ (2012 г.) од Ронит Бергман.
Од словенечки јазик ја превела книгата студии „Теорија за денешно време“ од Растко Мочник (заедно со Ј.Котеска).
Објавила околу 200 прилози и 8 авторски книги.
„Компаративна поетика“ (1996), „Книжевно-теориски студии“ (1997),
„Културолошки есеи“(2000), „Од дијалогизам до интертектуалност“(2000),
„Заробеници на денот“ (2001, колумни), Отворено писмо (2003),
„Дом/идентитет“ (2005), „Домот на писмото“ (2008), „Херотопии на писмото“ (2014).
Добитничка на наградата „Млад борец“ за дебитантска книга во 1986 г. и наградата за долгогодишен придонес во областа на есеистиката, од списанието „Корени“, Куманово,
во 2007 г.

Ермис Лафазановски

Пишува романи, кратки раскази, и есеи од областа на книжевноста и студии од областа на антропологијата. До сега објавил шест романи : Благородник (1997), Опишувач (2001) Роман за оружјето (2003) и Храпешко (2006), Недела (2009), Историјата на луѓето кои умреа од страв (2012). За романот Опишувач ја добил наградата "Стале Попов" на Друштвото на писателите на Македонија во 2001 година, за романот Роман за оружјето - наградата Прозни мајстори 2003, а романот Храпешко беше номиниран за македонски преставник за наградата Балканика во 2006 година. Објавил и три збирки раскази: Половина божилак (1992), Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите (1999) и Егзотична кантата (2008), како и научните студии: Традиција, нарација, литература (1996), Текст и менталитет (2000), Македонски космогониски легенди (2001), Антрополошки дијалози (2002), Итар Пејо (2003) и Митови за создавањето на светот, (2007). Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Од 2014 година е претседател е на Македонскиот ПЕН центар.